Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат тврдењата на СДСМ дека државниот буџет е празен и дека постои ризик за исплата на платите и пензиите, оценувајќи дека ваквите наводи не ја одразуваат фактичката состојба.
Од партијата наведуваат дека буџетот е стабилен и дека државата редовно ги сервисира своите законски обврски. Според нив, нема основа за загриженост во однос на исплатата на платите во јавниот сектор и на пензиите.
Реакцијата следува по обвинувањата на СДСМ дека поврзани со состојбата на јавните финансии, односно дека буџетот е празен, како и дека е загрозен вториот пензиски столб.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека информациите за наводно испразнет буџет создаваат непотребна вознемиреност кај граѓаните.
-Еве јасно ќе им кажеме и во оваа прилика, буџетот не е празен, ниту се загрозени пензионерите и нивните месечни примања, ниту се загрозени вработените и нивните примања. Треба да знаат дека буџетскиот дефицит не треба да го анализираат преку апсолутни бројки, туку преку неговото учество во бруто-домашниот производ. Само така можат да добијат реална споредба низ годините, кажаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Прашањето за состојбата на државните финансии останува предмет на политички дебати, при што власта и опозицијата изнесуваат различни оценки за ликвидноста на буџетот и начинот на управување со јавните средства.

