Повеќе нема да биде дозволено казина и обложувалници да работат во непосредна близина на основните и средните училишта, откако Собранието ги усвои измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Новите законски решенија предвидуваат сите објекти за приредување игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата, со цел да се намали изложеноста на младите на коцкање и да се зајакне заштитата на децата и учениците.
Според законот, постојните казина и обложувалници кои не го исполнуваат условот ќе имаат рок од една година да ги преселат своите деловни простории. Покрај мерката за задолжителна оддалеченост, законските измени предвидуваат и построги услови за приредувачите на игри на среќа, како и измени во делот на лиценците и надзорот врз нивното работење.
По првпат јасно се забранува рекламирање на надворешниот дел од деловните простории, како и користење светлечки и агресивни реклами.
Во насока на поефикасна контрола, Законот воведува и задолжително поставување ГПС-систем за позиционирање на секој автомат за игри на среќа, ВЛТ и терминал за електронски игри, поврзан со Управата за јавни приходи.
Владата оцени дека измените се дел од пошироките напори за поголема контрола врз секторот и за намалување на негативните последици од коцкањето, особено кај младата популација.

