Откако Собранието го изгласа новиот Закон за игрите на среќа, вработените и претставниците на индустријата упатија апел до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише указот за негово прогласување, предупредувајќи дека неговата примена ќе има сериозни последици врз секторот и ќе доведе до затворање на голем број објекти.
Од Синдикатот на вработените во секторот оценуваат дека законот директно ги загрозува работните места на илјадници вработени, но и егзистенцијата на нивните семејства. Тие сметаат дека предложените решенија не се засноваат на сеопфатна анализа и дека наместо да придонесат за подобра регулација на дејноста, ќе создадат економски и социјални последици.
„Не сме против регулирање на дејноста, но сме против закон што ќе значи затворање на работни места и ќе ги остави без приходи илјадници семејства“, порачуваат претставниците на вработените, барајќи претседателката да го искористи своето уставно право и да не го потпише указот.
Според нив, законските измени ќе доведат до затворање на значителен број уплатно-исплатни места, а дел од компаниите ќе бидат принудени да го намалат обемот на работа или целосно да престанат со работа. Тие предупредуваат дека тоа ќе резултира со отпуштања, намалени буџетски приходи и зголемување на нерегулираниот пазар.
Од индустријата исто така посочуваат дека не биле доволно вклучени во процесот на подготовка на законските решенија и бараат отворање на дијалог со институциите за изнаоѓање решение кое, како што велат, ќе обезбеди заштита на малолетниците и јавниот интерес, но без да се загрозат работните места.
Во меѓувреме, Собранието го усвои Законот за игрите на среќа, со кој, меѓу другото, се предвидува приредувачите да не можат да вршат дејност на помалку од 500 метри од основните и средните училишта, како и нови правила за рекламирањето и контролата на оваа дејност.
Доколку претседателката не го потпише указот, законот повторно ќе биде вратен во Собранието на повторно разгледување. Ако пратениците повторно го изгласаат со потребното мнозинство, таа согласно Уставот ќе биде должна да го потпише указот за негово прогласување.
ВРАБОТЕНИТЕ ВО СЕКТОРОТ ЗА ИГРИ НА СРЕЌА ДО ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА: НЕ ГО ПОТПИШУВАЈТЕ ЗАКОНОТ, ИЛЈАДНИЦИ СЕМЕЈСТВА ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ ПРИХОДИ!
2 Mins Read

