Во двор на семејна куќа во неготинското село Пепелиште вчера била пронајдена неексплодирана артилериска граната од Првата светска војна.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 30 јуни во 11:50 часот во СВР Велес, 68-годишен жител на селото пријавил дека при извршување работни активности во својот двор забележал експлозивна направа.
На местото на настанот извршила увид увидна екипа од ОВР Неготино, по што пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување безбедно ја подигнал експлозивната направа.
При утврдувањето на нејзиниот тип било констатирано дека станува збор за артилериска граната со калибар од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните институции апелираат граѓаните доколку пронајдат сомнителни или експлозивни направи да не ги допираат и веднаш да ги пријават во најблиската полициска станица.

