Заедно со негов пријател го отворил клубот Кабаре, во кој работеле 12 келнери. Тоа бил еден од најпознатите клубови во Мостар каде се собирале голем број на познати личности. Тој работел се низ клубот, набавувал храна и пијалоци, бил достапен постојано, а навечер често го земал микрофонот и пеел пред гостите. Сите пари кои со години ги заработувал и штедел, ги вложил во реновирање на клубот, но започнала војната. Морал да се спасува себе и своето семејство, трите ќерки и сопругата, и со 200 марки во џеб заминал во Белград.

-Од премногу стрес и страв во тој период, тој оседе преку ноќ, а имаше темна коса, раскажуваа негови познаници за српските медиуми.
Жељко Самарџиќ (70) денес е еден од најпознатите пејачи во регионот, а за време на војната во Босна, откако бил ранет, со сопругата и ќерките се преселил во Србија, каде живее и денес. Во Белград почнал да настапува во кафулиња и локали, и така започнал да заработува за да го прехрани семејството. По некое време ја запознал легендарната Марина Туцаковиќ. Токму со песната ,,Грлица” која таа ја напишала за него, тој стана регионално познато име на сцената, а додека беше жива Марина, таа за него напиша голем број на песни, кои и до денес се хитови.
Самарџиќ доаѓа во Македонија на 13 јули и ќе настапи во Градско на манифестацијата Павловден, а потоа на 5 септември ќе гостува во Кавадарци, на Тиквешки гроздобер.

