Босна и Херцеговина нема да се врати на најголемото европско музичко натпреварување – Евровизија – ниту во 2027 година. Причината се нерешените финансиски проблеми на јавниот сервис БХРТ и долговите кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ), поради што земјата сè уште не може да учествува на натпреварувањето.
Последното учество на Босна и Херцеговина на Евровизија беше во 2016 година во Стокхолм. Тогаш земјата ја претставуваа Далал, Дин, Ана Руцнер и Јала Брат со песната „Ljubav je“, но не успеаја да се пласираат во финалето.
Од тогаш, враќањето на БиХ на Евровизија неколкупати беше најавувано, но главната пречка останаа финансиските проблеми на БХРТ. Јавниот сервис се соочува со долготрајни предизвици во финансирањето, а нерешените обврски кон ЕБУ го спречуваат повторното учество.
Отсуството на Босна и Херцеговина од Евровизија е големо разочарување за многубројните љубители на музиката во земјата. БиХ во минатото имаше неколку забележителни настапи, а најголемиот успех го постигна во 2006 година, кога Хари Мата Хари со песната „Лејла“ го освои третото место во финалето.
Иако интересот кај публиката и изведувачите за враќање на сцената на Евровизија и понатаму постои, конечната одлука зависи од решавањето на финансиските и организациските проблеми на БХРТ.
Засега, љубителите на Евровизија во Босна и Херцеговина ќе мора да почекаат уште најмалку една година за можен камбек на нивната земја на европската музичка сцена.

