Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Битола порача дека економската и финансиската состојба на државата е подобра од кога било досега, оценувајќи дека земјата бележи позитивни резултати и покрај, како што рече, обидите на одредени политички сили да создадат негативна атмосфера во јавноста.
-Во јуни успеавме да имаме најниско ниво споредено со сите држави во регионот. Посебно ме радува што кај храната е околу 2,5 отсто, кај обувките и облеката околу 2,1 процент, односно е под 3 отсто. До 3,4 проценти контрибуираат тутунот, тутунските производи, алкохолот и транспортните услуги поради високите цени на горивата. Се надевам дека ќе заврши ова во Заливот конечно и ќе можеме да планираме појасно во следниот период, но и да продолжи, ние имаме план и доволно резерви како да одговориме на овој предизвик. Од страна на одредени политички сили ќе се шири бран на негативна енергија и тоа впрочем се случува две години.
Се сеќавате, ќе банкротиравме 2024, па не тогаш, еве преживеавме, па 2025 ќе банкротиравме, еве сега 2026 ќе сме банкротирале – нема да банкротираме, финансиски стоиме многу подобро од кога било. Па мигранти само што не дошле, еве и јули дојде, но мигрант не видовме, итн. Ќе продолжат со лаги, тоа е дел од нивната политичка стратегија, ние треба да се фокусираме на нашата цел и ако е вистински наша цел ние ќе ја реализираме, битно е да го оставиме срцето на терен, ако го оставиме, тогаш резултати ќе има, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека Владата продолжува со спроведување на економските политики насочени кон стабилност, инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Според премиерот, финансиските показатели ја потврдуваат стабилноста на економијата, а негативните политички пораки не ја одразуваат реалната состојба.

