Животната приказна на легендарната кантри пејачка Доли Партон ќе биде претставена на Бродвеј преку нов мјузикл кој ќе ја следи нејзината кариера – од скромното детство во Тенеси до светската слава.
Продукцијата, насловена „Dolly: A True Original Musical“, ќе започне со изведби во декември 2026 година во театарот „Сент Џејмс“ во Њујорк, додека официјалната премиера е закажана за јануари 2027 година, во периодот кога Партон ќе го прослави својот 81. роденден.
Мјузиклот ќе ја раскаже приказната за нејзиниот пат од сиромашното детство во планинскиот регион Смоки Маунтинс до статусот на една од најпознатите музички ѕвезди во светот. Публиката ќе може да ги слушне нејзините најголеми хитови, меѓу кои „Jolene“, „9 to 5“ и „I Will Always Love You“, како и нови песни создадени специјално за претставата.
Доли Партон е директно вклучена во создавањето на мјузиклот и соработува на сценариото заедно со писателката Марија С. Шлатер. Режијата ја потпишува добитникот на наградата „Тони“, Бартлет Шер, а кореографијата е на Менди Мур.
Продукцијата претходно беше изведена во Нешвил, а по успехот таму продолжува кон една од најважните светски театарски сцени – Бродвеј. Името на актерката која ќе ја толкува Доли Партон сè уште не е објавено.
Со овој проект, Партон добива уште една сценска приказна посветена на нејзиното наследство, но овојпат раскажана од нејзина перспектива – како спој на лична биографија, музика и приказна за истрајноста што ја одбележа нејзината повеќедецениска кариера.

