-Јас и мојата сопатничка го држевме сопругот за раката и заедно го влечевме назад, а потоа дојде и човекот кој седеше во редот покрај нашиот и сите заедно го држевме додека пола тело му беше надвор од авионот. Се се случуваше во дел од секунда. Летавме околу 30-40 минути кога пукна прозорецот. Се се разлета низ кабината, паднаа маските за кислород, а никој не знаеше што да прави, сите плачеа, во емисијата “Лајв Њуз” на грчката ТВ Мега раскажа сопругата на Србинот (61), чиј живот беше спасен во авионот за време на лет на авиокомпанијата „Рајанер“ од Солун кон Меминген, Германија, кога кратко по полетувањето дошло до сериозен технички дефект, односно до пукање на прозорецот.

Србинот кој седел веднаш до него, бил делумно извлечен кон отворот поради силата на воздушниот притисок, а го спасила брзата реакција на неговата сопруга и останатите патници, како и сигурносниот појас.
Грчките медиуми објавија фотографии од сопругата – херој и 61-годишникот кој по слетувањето на авионот бил пренесен во солунската болница Хипократис и е надвор од животна опасност, но не се објавени нивните имиња.
Од „Рајанер“ потврдија дека летот бил прекинат поради инцидентот и дека авионот безбедно слетал. Компанијата организирала заменски авион за патниците, додека причините за несреќата се предмет на истрага што ја водат надлежните воздухопловни власти.
Воздухопловните експерти посочуваат дека ваквите случаи се исклучително ретки, а користењето на сигурносен појас е од клучно значење при ненадејна декомпресија, бидејќи може да спречи сериозни повреди или трагични последици.
Како што објави Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО) и Анекс 13, истрагата за инцидентот ќе ја води државата над чија територија или воздушен простор се случила несреќата или сериозниот инцидент, односно Македонија. Американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (НТСБ) соопшти дека назначил акредитиран претставник кој ќе ѝ помогне на Македонија во истрагата за сериозниот инцидент.

