Концертот на светски познатиот музички артист Канје Вест, кој се одржа синоќа во Албанија, привлече голем број посетители од повеќе земји и ја стави земјата во фокусот на меѓународната музичка јавност.
Албанскиот премиер Еди Рама во објава на социјалните мрежи оцени дека настанот не треба да се гледа само како музички спектакл, туку како инвестиција во промоцијата на земјата, туризмот и економскиот развој.
Рама се осврна на критиките поврзани со сумата од околу 4 милиони евра за организацијата на концертот, наведувајќи дека тие средства не се само трошок, туку инвестиција која, според него, ќе се врати преку зголемената потрошувачка од илјадниците посетители кои престојувале во хотели, апартмани, ресторани, барови, продавници и користеле локални услуги.
„Концерт од ваков размер и со ваков артист не е само уметнички настан. Тој е глобален маркетинг за Албанија, реклама која би чинела многу повеќе доколку би се реализирала преку традиционални кампањи“, порача Рама.
Тој нагласи дека големите културни настани се дел од стратегиите на најразвиените европски земји, бидејќи создаваат економска активност, привлекуваат туристи и придонесуваат за подобрување на меѓународниот имиџ на државата.
Според албанскиот премиер, претставувањето на ваквите вложувања како непотребно трошење покажува неразбирање на начинот на кој културните и спортските настани создаваат дополнителна економска вредност.
„Немаме за леб, не ни треба култура? Погрешно! Културата не е само духовна храна, туку и економска, туристичка, развојна! Леб! Од концертот на Вест во Истанбул пред неколку недели, градот доби над сто милиони евра на додадена вредност! Албанија не победува со тоа што се крие од светот. Албанија победува со тоа што го носи светот во својот дом“, порача Еди Рама.
РАМА ЗА КОНЦЕРТОТ НА КАНЈЕ ВЕСТ ВО ТИРАНА: 4 МИЛИОНИ ЕВРА СЕ ИНВЕСТИЦИЈА, А НЕ ТРОШОК!
2 Mins Read

