Можно е вториот задолжителен пензиски столб да биде опфатен со најавената реформа на пензискиот систем, но Владата засега не открива какви мерки ќе бидат преземени. Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, вели дека сите опции остануваат отворени сѐ додека не завршат анализите што ги изработуваат домашни и меѓународни експерти.
Во гостување на ТВ Сител, Велковски беше прашан дали е можно укинување на вториот пензиски столб. Тој не ја отфрли можноста, но потенцираше дека Владата нема да носи одлуки пред да ги разгледа наодите од работната група, како и анализите што ги подготвуваат Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
Според него, реформата се разгледува поради тоа што првите осигуреници кои се пензионирале според моделот со два пензиски столба добиле пониски пензии од очекуваното. Причината, како што објасни, е што приносите од средствата вложени во приватните пензиски фондови не ги достигнале проектираните стапки при воведувањето на системот во 2006 година.
„Првите 150 пензионери што се пензионираа оваа година немаат доволно оплодени средства за да имаат добри пензии“, изјави Велковски.
Во меѓувреме, владина комисија составена од претставници на Министерството за финансии, Министерството за социјална политика и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување работи на анализа на ефектите од вториот столб. Нејзините заклучоци, заедно со препораките од меѓународните институции, треба да ја определат идната насока на пензиската реформа.
Прашањето за измените во пензискиот систем веќе неколку месеци е актуелно. Премиерот Христијан Мицкоски претходно предупреди дека голем дел од идните пензионери би можеле да бидат незадоволни од висината на своите пензии, додека во јавноста се разгледуваат различни модели за реорганизација на системот, меѓу кои и промени во начинот на користење на средствата од вториот пензиски столб.

