Најмалку 27 лица загинаа во голем пожар што избувна во бар во Бангкок, соопштија тајландските власти, пренесува NBC News.
Спасувачките служби биле повикани на местото на несреќата околу полноќ, кога огнот брзо го зафатил објектот. Снимките објавени од службите за итни случаи покажуваат силен пожар и густ црн чад, додека посетителите се обидувале да се спасат од пламените јазици.
Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул, кој го посети местото на трагедијата, изјави дека во пожарот загинале 27 лица, а неколкумина повредени се пренесени во болница. Тој нагласи дека причините за избувнувањето на пожарот сè уште се утврдуваат и дека е започната официјална истрага.
Според надлежните служби, на пожарникарите им биле потребни околу 30 минути за целосно да го локализираат пожарот. По неговото гаснење, од објектот останале уништена внатрешност, изгорени маси и столови.
Тајланд и во минатото бил погоден од слични трагедии. Во 2022 година, во пожар во музички паб во источниот дел на земјата загинаа 14 лица, што повторно ги отвори прашањата за безбедносните стандарди во угостителските објекти.

