Климатските промени, промените во животната средина, зголеменото патување и глобалната трговија придонесуваат за ширење на векторите и зголемување на ризикот од појава на заразни заболувања кои се пренесуваат преку комарци, крлежи и други инсекти, предупредува Институтот за јавно здравје.
Вектор-преносливите болести стануваат сè позначаен јавно-здравствен предизвик, бидејќи нивната појава и распространетост зависат од повеќе фактори, меѓу кои климатските услови, присуството на вектори и движењето на населението. Од Институтот посочуваат дека дел од овие заболувања веќе се присутни во земјата, додека други претставуваат потенцијален ризик поради можноста за внесување од други региони.
Меѓу заболувањата кои се следат во Македонија се Лајмската болест, Западнонилската треска, хеморагичните трески, туларемијата и други инфекции. Воедно постои ризик од појава на внесени случаи на болести како денга, чикунгуња и други заболувања поврзани со тропски подрачја.
Особено внимание се посветува на болестите кои ги пренесуваат комарците. Западнонилската треска најчесто се пренесува преку убод од комарци од родот Culex. Кај најголем дел од заразените лица болеста може да помине без симптоми, но кај мал број пациенти може да предизвика посериозни невролошки компликации.
Од Институтот информираат дека денга-треската и Зика вирусната инфекција не се регистрирани како локално пренесени заболувања во земјата, но постои потреба од континуирано следење поради присуството на одредени видови комарци кои можат да бидат преносители.
Чикунгуња, исто така, е меѓу заболувањата за кои се следи ризикот, а најчести симптоми се висока температура и изразени болки во зглобовите.
Институтот за јавно здравје нагласува дека превенцијата е клучна во контролата на овие заболувања. Граѓаните се советуваат да преземаат мерки за заштита од убоди од инсекти, како користење репеленти, носење соодветна облека и отстранување на застојана вода каде што можат да се размножуваат комарците.
Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот продолжува со следење на состојбата, информирање на јавноста и спроведување активности за превенција и контрола на вектор-преносливите инфекции.
КОМАРЦИТЕ КАКО ЗДРАВСТВЕН РИЗИК: ИЈЗ СОВЕТУВА МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА ОД ВЕКТОРСКИ БОЛЕСТИ
2 Mins Read

