Македонија е подготвена да ги сподели своите искуства, експертиза и институционални капацитети со Украина во процесот на пристапување кон Европската Унија, порача Беким Сали, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања на пленарната сесија на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“.
Во своето обраќање, министерот истакна дека земјава, како кандидат за членство во ЕУ со долгогодишно искуство во пристапниот процес, може да даде значаен придонес во поддршката на украинските институции на нивниот европски пат.
Тој нагласи дека Меморандумот за соработка меѓу институциите на Македонија и Украина претставува цврста основа за продлабочување на партнерството и за развој на конкретни активности во насока на европската интеграција на Украина.
Осврнувајќи се на руската агресија врз Украина, министерот повтори дека Македонија останува цврсто посветена на поддршката на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на земјата, во согласност со меѓународното право. Тој истакна дека Скопје ќе продолжи да обезбедува политичка, хуманитарна, воена и техничка поддршка во тесна координација со Европската Унија и евроатлантските партнери.
Според него, соработката меѓу Украина и земјите од Југоисточна Европа е клучна за зајакнување на регионалната стабилност, обновата на Украина и изградбата на побезбедна и пообединета Европа.
САЛИ: МАКЕДОНИЈА Е ПОДГОТВЕНА ДА ГИ СПОДЕЛИ СВОИТЕ ИСКУСТВА СО УКРАИНА НА ПАТОТ КОН ЕУ
1 Min Read

