Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вчера во Охрид оствари средба со учесниците во десеттото издание на програмата „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia), придружувани од претставници на „Обединета македонска дијаспора“.
Во разговорот со младите учесници, претседателката се запозна со нивните впечатоци од престојот во земјата и со активностите во рамки на програмата, која има за цел преку едукативни содржини, практична работа и директно искуство да им овозможи подобро запознавање со македонскиот политички систем, историјата и културата.
Сиљановска-Давкова истакна дека ваквите иницијативи се важни за обновување и зајакнување на врските со младите од дијаспората, како и за поттикнување на нивната понатамошна соработка со Македонија.
„Наша обврска е да ги поддржиме најдобрите, да создадеме услови младите да ја градат иднината дома и да ги инспирираме заминатите да се вратат“, порача претседателката.
Таа упати честитки до „Обединетата македонска дијаспора“ за десетгодишната посветеност во организирањето на програмата „Родум од Македонија“, оценувајќи ја како значаен проект за поврзување на младите со македонско потекло со нивната татковина.
СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА: ДА СОЗДАДЕМЕ УСЛОВИ МЛАДИТЕ ДА ЈА ГРАДАТ ИДНИНАТА ДОМА, А ЗАМИНАТИТЕ ДА ГИ ИНСПИРИРАМЕ ДА СЕ ВРАТАТ!
1 Min Read

