Членовите на тајландскиот бенд „Tosakan“ биле на сцената кога избувнал разорниот пожар во клубот „Rong Beer Na Lat Phrao“ во Бангкок, трагедија во која загинаа најмалку 27 лица, а десетици беа повредени.
Бендот, кој настапувал со тајландски и меѓународни поп-рок песни, во моментот на пожарот бил среде настап. Според сведоштвата на членовите, првите знаци биле чад и мирис на горење во близина на сцената. Кратко потоа снемало струја, а огнот брзо се проширил низ просторот.
Лидерот на групата и вокалист Tik Chaiyana раскажал дека преживеал бидејќи за првпат во животот, среде песна излегол да направи пауза и да се одмори во просторијата за музичарите. Веднаш до просторијата за одмор имало излез за итни ситуации.
Неговата девојка и колешка од бендот, пејачката Breeze, не успеала да преживее, а починал и клавијатуристот по кого се трагаше со часови. Тапанарот бил тешко повреден.
.
„Tosakan“ по трагедијата упати апел јавноста да не шири непроверени информации додека трае потрагата по исчезнатите членови. За музичарите и нивните блиски, ноќта која требаше да биде уште еден настап се претвори во една од најтешките трагедии во нивните животи.
Истрагата за причините за пожарот продолжува, а властите проверуваат дали безбедносните прописи во објектот биле исполнети, вклучително и условите за евакуација и противпожарна заштита.

