По 34 години сестрите Маријана и Росана за првпат ќе запеат заедно во нивниот роден град Куманово. Сестринското дуо кое пред неколку децении владееше на музичката сцена кај нас, и беше синоним за квалитет и скромност, на радост на публиката повторно ќе ги вкрсти гласовите, а настапот ќе се одржи во ресторан ,,Дома” на 19 јули. Заедно со нив ќе настапат и Дац и Александар.

Пред повеќе од три децении, Маријана и Росана беа меѓу најпопуларните изведувачи на македонската музичка сцена. Со внимателно одбрани песни, хармонични вокали и посебна сценска култура, тие успеаја да создадат публика која и денес со носталгија се сеќава на нивните настапи.
По преселувањето на Маријана во Австралија, недостигаше нивната препознатлива енергија на сцената, нивната музичка прецизност и квалитетот што ги издвојуваше од многу други изведувачи. Остана празнина за еден квалитетен сценски настап, за нивните препознатливи вокали и за магијата што ја создаваа кога пееја заедно.
Сега, со доаѓањето на Маријана во Македонија, и најавата за повторен заеднички настап на сестрите ги разбуди емоциите кај нивните верни обожаватели, кои со нетрпение очекуваат повторно да ги слушнат нивните гласови заедно.
Публиката не очекува само враќање на старите хитови – туку и нови песни, нови моменти и нови спомени. Затоа што некои музички приказни никогаш навистина не завршуваат. Тие само чекаат вистинскиот момент повторно да оживеат.
Маријана и Росана се враќаат заедно таму каде што отсекогаш припаѓале – меѓу својата публика.

