Со цел навремена превенција и унапредување на соработката во справувањето со ризиците од пожари, полициски службеници од СВР Охрид и Полициската станица за граничен надзор „Св. Наум“ при Регионалниот центар за гранични работи Запад одржаа работна средба со колегите од Полициската станица во Поградец, при Министерството за внатрешни работи на Република Албанија.
На средбата беа разгледани можностите за заедничко делување и беа договорени координирани превентивни активности со цел заштита на шумските подрачја и спречување на појава на пожари на отворен простор, особено во периодот на летната туристичка сезона.
Во рамки на договорените мерки, предвидено е спроведување заеднички полициски патроли низ шумските појаси во граничниот и пограничниот регион, како и засилена размена на информации за можни ризици и потенцијални опасности.
Посебен акцент беше ставен на воспоставување директни комуникациски канали меѓу двете полициски служби, кои ќе овозможат брзо информирање и ефикасна координација во случај на појава на пожар. Навременото известување ќе придонесе за побрза реакција на надлежните институции, со цел локализирање и гаснење на пожарите и заштита на природните ресурси.
Средбата претставува уште еден чекор во зајакнувањето на прекуграничната соработка и заедничките напори за поголема безбедност на граѓаните и зачувување на животната средина.

