Апелациониот суд донесе ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“, кој се однесуваше на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како „Белата палата“.
Со одлуката, судот ја преиначи првостепената пресуда со која претходно беа изречени казни и беше наложена конфискација на партиското седиште. Според објавените информации, пресудата отвора можност ВМРО-ДПМНЕ да побара враќање на конфискуваниот имот, доколку за тоа се исполнети законските услови.
Предметот „Талир 2“ се однесуваше на наводни незаконитости поврзани со финансирањето и изградбата на партиското седиште. Првостепената пресуда беше донесена во 2022 година, кога судот оцени дека објектот треба да биде конфискуван во корист на државата.
Одбраната во текот на постапката тврдеше дека не постојат докази за сторено кривично дело, додека обвинителството сметаше дека изградбата била финансирана спротивно на законските прописи.
По најновата одлука на Апелациониот суд, се очекува да биде објавено целосното образложение на пресудата, кое ќе ги разјасни причините за нејзиното донесување и правните последици во однос на конфискацијата на седиштето.
Случајот „Талир 2“ беше еден од најекспонираните судски предмети поврзани со поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и со години предизвикуваше значителен јавен интерес.
Како потсетување, пред три месеци Основниот кривичен суд во Скопје објави пресек на судските предмети против поранешниот премиер Никола Груевски, во контекст на актуелните најави за неговата екстрадиција, тема што повторно стана актуелна по изборната победа на Петер Маѓар.
Според соопштението објавено во април годинава, против Груевски постојат правосилни пресуди со активни затворски казни, како и неколку предмети што сè уште се во судска постапка.
Според судот, Груевски треба да издржи 1 година и 6 месеци затвор за предметот „Насилство во Центар“, со рок на застарување во 2027 година, како и 9 години затвор за „Плацеви на Водно“, чија извршност застарува во 2043 година.
Во исто време, случајот „Тенк“ е веќе застарен, откако настапила апсолутна застареност во октомври 2024 година.
Активни остануваа предметите „Титаник“ и „Талир 2“, кои се водеа во отсуство, бидејќи обвинетиот не е достапен за органите на прогон. За „Талир 2“ беше наведено дека може да застари во текот на август оваа година.

