Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против три девојчиња осомничени за кривичното дело „насилство“ по член 386 од Кривичниот законик, по случајот со врсничко насилство кој предизвика реакции во јавноста откако снимка од нападот беше споделена на социјалните мрежи.
Постапката се води против 18-годишна девојка, додека за две малолетнички, на возраст од 14 и 15 години, до судија за деца е поднесено барање за поведување подготвителна постапка.
Според информациите од Обвинителството, настанот се случил на 13 март, кога трите осомничени натерале 13-годишно девојче да излезе од својот дом, по што го одвеле во запуштен објект во близина на спортскиот центар „Соколана“ во Куманово.
Во објектот, како што наведуваат од ОЈО, осомничените ја навредувале жртвата, физички ја нападнале со повеќе удари по лицето и телото, ја кубеле за коса, а целото насилство го снимале со мобилен телефон. По нападот, на девојчето му упатиле и закани по живот доколку го пријави случајот.
Обвинителството реагирало веднаш по објавувањето на видеоснимката на социјалните мрежи, при што бил оформен предмет и започната итна постапка за обезбедување на доказите.
За полнолетната осомничена до надлежниот суд е доставен предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат задолжително јавување во судот, привремено одземање на патната исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетеното девојче.
Шефицата на Основното јавно обвинителство Куманово, Теута Бедиу-Рамадани, претходно изјави дека предметот е оформен веднаш по објавувањето на снимката и дека институциите постапуваат по итна постапка.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи соопшти дека поднело кривични пријави против 18-годишната П.А. од липковското село Лојане и против двете малолетнички од Куманово, на возраст од 14 и 15 години, поради сомнение за сторено кривично дело поврзано со случајот на врсничко насилство.
ЈА ИЗВЛЕКЛЕ ОД ДОМА, ЈА ТЕПАЛЕ И ЈА СНИМАЛЕ: ДЕТАЛИ ОД СЛУЧАЈОТ СО 13-ГОДИШНОТО ДЕВОЈЧЕ
2 Mins Read
Previous ArticleПАДНА ПРЕСУДАТА ЗА „БЕЛАТА ПАЛАТА“ – ГРУЕВСКИ ОСЛОБОДЕН

