Во срцето на Тиквешијата, каде лозјата се дел од вековната традиција, веќе шест години работи Винскиот музеј за регион Тиквеш – Кавадарци, место кое секојдневно привлекува гости од сите страни на светот. Оваа уникатна културна институција е вистинска ризница на винската култура, каде минатото и сегашноста се спојуваат во една приказна за македонското вино, традицијата и богатото наследство на тиквешкиот регион.
Секојдневно низ вратите на музејот поминуваат бројни посетители – љубители на винската традиција, туристи, семејства, ученици, истражувачи и организирани групи од Македонија и од странство. Месечно музејот бележи над 500 посети, што е потврда за големиот интерес и значењето што го има оваа културна институција.
Покрај странските туристи кои пристигнуваат од Канада, САД, Англија, Бугарија, Германија и од многу други земји, музејот е честа дестинација и за домашните посетители од сите краеви на Македонија. Тие доаѓаат да ја запознаат историјата на тиквешкото лозарство и винарство, да ја почувствуваат традицијата и да откријат дел од културното богатство на сопствената земја.
Винскиот музеј за регион Тиквеш – Кавадарци е првиот Специјализиран регионален музеј од ваков тип во Република Македонија. Тој претставува значајна културна институција чија мисија е зачувување, истражување и презентација на богатото наследство од областа на лозарството и винарството.
Во музејската поставка, на простор од 100 квадратни метри, посетителите можат да видат вредни предмети од крајот на XIX и почетокот на XX век, кои сведочат за начинот на производство на вино и ракија во минатото. Колекцијата содржи околу 70 етнолошки предмети, историски фотографии, како и изложбен дел со вина од комерцијални и семејни винарии од тиквешкиот регион.

Посебен впечаток кај гостите остава автентичниот амбиент на музејот, кој ја доловува атмосферата на старите винарски традиции, но и современото уредување со модерни услови за работа и информативни содржини кои ја надополнуваат приказната за македонското вино.
Посетителите често заминуваат воодушевени од богатството на изложените предмети, од начинот на кој е претставена историјата и од можноста директно да се запознаат со традицијата која со векови го гради идентитетот на Тиквешкиот регион.
По шест години успешно работење, Винскиот музеј за регион Тиквеш – Кавадарци се потврдува како еден од најзначајните културно-туристички центри во Македонија – место каде домашните и странските гости ја откриваат приказната за македонското вино и со себе носат незаборавно искуство од Тиквешијата.
В.К.

