Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, оцени дека случувањата во Собранието од завчера биле политички театар со цел, како што тврди, да се прикрие отсуството на резултати на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
„Тој направи хаос за да прикрие сопствена неспособност, тоа што Владата нема апсолутно никакви резултати во ниту еден сегмент од функционирањето и се обидува да создаде алиби за предвремени избори“, изјави Филипче.
Според него, во услови на раст на цените и намалување на животниот стандард, Владата наместо решенија избира навреди и конфронтација со опозицијата.
„Кога нема резултати, кога нема решенија, Мицкоски ги навредува и им се заканува на пратениците во Собранието. Навредите многу повеќе кажуваат за оној што ги упатува, отколку за оние кон кои се насочени“, рече лидерот на СДСМ.
Филипче се осврна и на извинувањето на премиерот Мицкоски по инцидентите во Собранието, оценувајќи дека станува збор за политички потег без вистинско преземање одговорност.
„Тој само создаде привид, се извини во празна сала, откако опозициските пратеници ја напуштија салата. Тоа беше едно срамежливо, изнудено извинување, кое не може да ги избрише навредите и начинот на однесување“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека вистинското извинување, според него, подразбира признавање на грешката, промена на однесувањето и преземање одговорност за постапките.
„Граѓаните заслужуваат почит, достоинство и пример кој обединува, а не човек кој ги дели и навредува. Никој не му се плаши на Христијан Мицкоски“, порача претседателот на СДСМ.
Филипче повтори дека заканите и навредите не се одраз на сила, туку, како што рече, на слабост и неспособност.

