По силното невреме што го зафати регионот, Општина Чешиново-Облешево згрижи неколку штркови кои останале без своите гнезда и потребна помош. Птиците во изминатите денови добиваат редовна нега, храна и вода, со цел да закрепнат и повторно да се вратат во природата.
Од згрижените штркови, два веќе се во добра состојба и се подготвени повторно да полетаат, додека за останатите продолжува грижата сè до нивното целосно закрепнување и повторно приклучување кон јатото.
Градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево, Јорданчо Костадинов, посочи дека општината се надева дека во најскоро време ќе се реализира изградба на згрижувачки центар наменет за овој заштитен вид птици, што ќе овозможи подобра и навремена помош за повредените и загрозени штркови.
Од општината упатуваат апел до хуманите граѓани да помогнат во грижата за младите птици кои поради невремето се исплашени и паднати од своите гнезда. Со заеднички напори, овие птици ќе добијат можност повторно безбедно да полетаат.
Општина Чешиново-Облешево најавува дека и понатаму ќе продолжи да се грижи не само за своите жители, туку и за настраданиот животински свет, покажувајќи одговорност и посветеност кон заштитата на природата.
СПАСЕНИ ШТРКОВИ ПО НЕВРЕМЕТО ВО ЧЕШИНОВО-ОБЛЕШЕВО: ОПШТИНАТА И ХУМАНИТЕ ГРАЃАНИ СО ЗАЕДНИЧКИ НАПОРИ
1 Min Read

