Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, смета дека по неодамнешното невреме се неопходни построги контроли и јасно утврдена одговорност за одржувањето на кровните конструкции на станбените згради.
Во гостување на ТВ Сител, тој изјави дека компаниите ангажирани од куќните совети за одржување на зградите треба редовно да вршат проверки на крововите и за тоа да изготвуваат записници со кои ќе гарантираат дека тие се безбедни.
„Треба да имаат одговорност и редовни контроли на она што го одржуваат, она што спаѓа под одржување, но треба и општините да имаат регистар во којшто ќе имаат увид. Не може општината со инспекцијата и ресурсите кои ги има, сите кровови да ги провери. Треба тоа да го спроведе компанија ангажирана од куќните совети за одржување на зградата, којашто ќе гарантира со записник дека направила контрола на неколку месеци и дека сѐ е во ред со кровот. За да не се случуваат појави во кои сите се изземаат од одговорност“, рече Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека клучна улога во целиот процес имаат и куќните совети, кои треба навремено да ангажираат овластени компании за одржување на заедничките делови од зградите и да се грижат редовно да се вршат потребните проверки. Според него, куќните совети, како претставници на станарите, треба да водат сметка објектите да бидат безбедни и да обезбедат континуирано одржување на кровните конструкции.
Ѓорѓиевски додаде дека општините треба да располагаат со регистар на извршените контроли, што ќе овозможи подобар увид и следење на состојбата со кровните конструкции, додека компаниите за одржување ќе имаат обврска периодично да ја потврдуваат нивната исправност со записници.
Според него, ваквиот систем би придонел за поголема безбедност и би спречил повторување на ситуациите во кои при силни временски непогоди доаѓа до откорнување на делови од кровови, со што се загрозуваат граѓаните и нивниот имот.
ЃОРЃИЕВСКИ: КУЌНИТЕ СОВЕТИ ДА АНГАЖИРААТ РЕДОВНИ КОНТРОЛИ НА КРОВНИТЕ КОНСТРУКЦИИ
2 Mins Read

