Нема ден да не помислам на мојот внук од брат, Филип, од кого немаме никаков глас уште од пролетта, 1997 година. Денес кога живееме во време на напредни технологии, кога интернетот е масовно распространет, имам надеж дека потрагата по него конечно ќе вроди со плод, дека ќе го најдам, дека веста преку вашиот медиум ќе се рашири, па ќе се најде некој кој знае каде е внук ми, за Викимедиа раскажува кавадарчанката Љупка Китанова.
Како што вели, сакала самата таа на овој начин да се обиде да го најде внукот и да ги изненади нејзиниот брат (таткото на Филип) и нејзината мајка, кои по скоро три децении безуспешна потрага веќе губеле надеж дека некогаш пак ќе го видат.
-Приказната за нашето семејство е навистина болна. Брат ми беше во брак, со сопругата го добија Филип. Роден е на 25-ти декември 1995 година. Но, со сопругата се разведоа, и таа го зеде детето. По некое време дознавме дека го дала на посвојување. Тоа беше голем шок за сите нас, бидејќи брат ми никогаш не даде согласност за такво нешто, беше повреден, избезумен, веднаш тргна да го бара синот. Во тоа време детето имаше една година и три месеци, значи го зедоа пролетта во 1997 година.
Како што ни беше кажано тогаш, во домот на мајката на Филип дошле социјалните службеници, таму била и нејзината мајка. Детето многу плачело кога сакале да го одведат, викало: Не ме давај! Срцето ни се скрши кога дознавме, брат ми веднаш отиде во социјалното, но од таму му беше кажано дека се работи за тајни информации и не смеат да кажат каде е одведен Филип, бидејќи ќе бил даден на посвојување.
Ниту мајката не кажуваше ништо, велеше дека и таа не знаела каде ќе биде однесен. Набргу потоа, таа се премажи во Охрид, доби уште две деца и продолжи со животот. Не ја обвинувам, верувам дека и било тешко да се одлучи на таков чекор, да го остави детето, но брат ми да знаеше, никогаш немаше да дозволи Филип да биде даден на посвојување. Јас и мајка ми исто така бевме премногу потресени, уште од неговото раѓање јас толку многу се грижев за него, го чував, го сакав како свое дете, раскажува Китанова.
Додава дека со брат и ја поминале цела Македонија со автомобилот, од град во град, оделе, прашувале за посвоено машко дете, со зелени очи и црна коса, покрупно, во надеж дека можеби ќе го најдат.
-Многу време баравме насекаде, каде и да имаше надеж дека можеби станува збор за Филип, ние одевме, прашувавме. Брат ми никогаш потоа не се прежени, нема други деца, остана да живее во надеж дека ќе си го најде синот, од кој тој никогаш не се откажа. Одеше и кај поранешната сопруга, ја молеше да каже ако знае нешто, но таа остана при тврдењето дека социјалните служби не и кажале каде ќе го однесат детето.
Така, година по година, ни минува животот. Сега собрав храброст и решив јавно да тргнам во потрага, затоа што времето оди, ние сакаме Филип да знае дека постоиме, дека тој е дел од нас, и очајно сакаме да го најдеме. Имаме имот кој треба него да му припадне, без оглед дали ќе не прифати, сакаме да го добие тоа што му следува, сакаме да знаеме дали има дечиња, и доколку го најдеме, се надеваме дека ќе ни дозволи да бидеме дел од неговиот живот. Дури и да не сака да има ништо со нас, доволно ќе ни биде да го видиме, да знаеме дека е добро, за да можеме по сите овие години да се смириме, бидејќи постојано живееме со неодговорени прашања и копнеж по него, вели тетката.
Јавно апелира доколку некој има било каква информација да ја контактира преку социјалните мрежи, односно во порака на нејзиниот Фејсбук профил. Појаснува дека нејзина претпоставка е дека Филип е крупен човек, бидејќи и како мал бил со крупна градба, со зелени очи како неговата мајка, а косата му била темна. Вели дека не знае дали се уште го носи истото име, но сака да верува дека според датата на раѓање и сите останати податоци кои јавно ги сподели, можеби и тој лично ќе се препознае.
-Ги замолувам сите да ја прошират веста, да си го најдеме Филип, да ни се смират душите. Сакам на овој начин да го изненадам брат ми, да ја изненадам мајка ми, да донесам радост во домот. Можеби и Филип, доколку знае дека е посвоен, не бара нас. Доставувам и фотографија на која сум јас со таткото на Филип, можеби има физичка сличност со некој од нас, раскажа Китанова.
Во изминативе години се погласни се апелите на родители кои се во потрага по своите деца кои биле оставени на посвојување, но исто така и апелите за пронаоѓање на биолошкото потекло на деца кои биле посвоени. Се апелира на промена на законите, бидејќи се стравува од инцест, затоа што Македонија е мала земја, но и поради правото да се знае за евентуални наследни болести. Голем број на посвоени деца јавно истакнуваат дека секој има право да го знае своето потекло и својот идентитет, бидејќи живеат со неодговорени прашања, во постојана потрага по вистината за своите корени.
Конкретно за случајот со Филип, доколку некој има било каква информација, може да ја контактира Љупка Китанова на социјалната мрежа Фејсбук или на меил адресата на Викимедиа.
Вики Клинчарова

