Градоначалникот на Општина Росоман, Стојан Николов и претседателот на Советот на општината Ристо Јошев, заработија кривична пријава.
Против градоначалникот е поднесена пријава поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување “ како и поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „Бесправно градење “, додека за претседателот на Советот пријавата е поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување “.
Николов е познат во јавноста и како најмладиот градоначалник во Македонија, бидејќи кога стапи на функција имаше само 24 години.
Како што известија од МВР, ОВР Кавадарци до ОЈО Кавадарци поднесе кривична пријава против С.Н.(28), градоначалник на Општината Росоман и Р.Ј. (61), претседател на Совет на Општината Росоман, поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување “ согласно член 353 ст.1 од КЗ на РСМ.
Од министерството информираат дека на седница на Совет на општината, одржана на 28.02. годинава било утврдено дека Програма за изработување на урбанистички планови и локална урбанистичка планска документација во општина Росоман за 2023 година, којашто била изгласана на седница на општинскиот совет на 30.01.2023 година со 39 точки, и без потпис на претседателот на Советот на општината, била изменета односно била допишана уште една точка 40 – та по ред и истата била потпишана од страна на претседателот на Совет на Општина Росоман. Практично со тоа двајцата пријавени овозможиле преку спорната 40-та точка Урбанистички проект за производство на асфалт за катастерска општина „Манастирец“, да биде впишана во Програмата за изработување на урбанистички планови и локална урбанистичка планска документација во Општина Росоман за 2023 година, без одобрение и гласање од страна на Советниците на Општина Росоман.
-Исто така ОВР Кавадарци до ОЈО Кавадарци поднесе уште една кривична пријава против С.Н.(28) од Росоман и тоа поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „Бесправно градење “ (чл.244-а ст.1 од КЗ на РСМ). Пријавениот во својство на градоначалник на Општина Росоман, дозволил без Решение за реконструкција, односно Одобрение за изградба на линиски инфраструктурни објекти спротивно на одредбите од Законот за градење и без Основен проект – фаза градежништво – да се отпочне со реконструкција, поточно промена на сообраќајниот режим на влез во Росоман без соодветна документација, соопштија од министерството.
Деск
Кривична пријава против најмладиот градоначалник во Македонија кој стапи на функција со само 24 години!
2 Mins Read

