Градоначалникот на Општина Неготино д-р Горан Стојанов во вторникот во Секторот за внатрешни работи Велес пријавил дека на неговиот профил на социјална мрежа добивал пораки со заканувачка содржина. Од СВР Велес го потврдија настанот и соопштија дека се преземале мерки за негово расчистување.
Околу тоа за какви закани станува збор и од кого ги добивал градоначалникот, тој открива во разговор за ВИКИМЕДИА. Како што вели, вознемирено му е целото семејство, бидејќи заканувачот не бирал зборови, а заканите не биле насочени само кон него, туку и кон неговите деца.
-Од лажен профил пристигаа ужасни пораки. Се случуваше да се праќаат пораки на полноќ, во еден часот наутро, заканувачот не бираше време. Дел од пораките гласат – Пази се, имаш фамилија! Внимавај, се случуваат сообраќајки! Се може да ви се случи, имаш деца, возите автомобили!
Токму поради тоа, што заканувачот или заканувачите се осмелија да се закануваат и на моето семејство, кое доста се вознемири од настанот, решив да го пријавам случајот во полиција. Јавната функција е едно нешто, а приватниот живот сосема друго. Ако јас како градоначалник некому му сметам, може тоа да ми го каже во четири очи, да видиме за какво недорзабирање се работи, да се обидеме да најдеме решение, а не на ваков начин, преку закани кон семејството, изјави д-р Стојанов.
Истакна дека верува како заканувачот ќе биде откриен во најкраток рок.
Инаку, за градоначалникот кој е доктор – специјалист, ова беше прв мандат, а по неговото завршување тој се враќа на својата професија.
Вики Клинчарова
Имаш деца, се случуваат сообраќајки: Заканите кои ги добивал неготинскиот градоначалник се застрашувачки!
2 Mins Read
Previous ArticleСо Гроздоберска трпеза започна Тиквешки гроздобер во Кавадарци

