Синоќа во Центарот за култура Ацо Шопов во Штип се одржа концерт по повод 100 години од првата опера „Палјачи“ изведена во Штип, Македонија.
Македонската опера и балет гостуваше со оперски концерт кој се изведе под диригентската палка на Бисера Чадловска, а настапија солистите: Павлина Новакова Георгиев, Ристе Велков, Елена Голомеова, Дешира Ахмети Крлиу, Зоран Сотиров, Александар Стефаноски, Ана Ројдева Талевска заедно со оркестарот на МОБ.
По повод настанот, штипскиот градоначалник Иван Јорданов истакна дека уште пред сто години професорот Сергеј Михајлов во Штип ја препознал почвата каде што уметноста може да никне и со изведбата на првата опера во Македонија, „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало во 1925 година пред тогашниот Офицерски дом, се поставил темелот за понатамошен развој на уметноста и културата во регионот.
-Овој јубилеј не е само потсетник на богатата традиција на нашиот град , туку и сведоштво за местото што Штип го има во културната историја на Македонија .
Горд сум што токму тука започна операта која и денес инспирира генерации уметници и љубители на музиката.
Штип продолжува да ја негува културата и да го пренесува ова наследство како највреден аманет за иднината, порача Јорданов.
В.К.
Првата опера во Македонија била изведена пред еден век во Штип: Со концерт се одбележа јубилејот
1 Min Read

