Бидејќи имам многу пораки со прашања, дали има нешто за кукавициве, да одговорам на сите, се огласи претседателот на градската организација на СДСМ за Скопје и поранешен директор на скопската Зоолошка градина, Ѓорги Галетановски, чиј автомобил БМВ 5 беше запален пред три дена.
Тој открива дека и по три дена од настанот, се уште немал информација за евентуално откривање на сторителите или пак нарачателите на делото.
-Не, трет ден не ми се јавиле од полиција, но како што ми кажуваат жители од Кисела Вода, комшии и сопственици на дуќани, инспектори секојдневно чешлале камери овие два дена и интензивно работеле со распити.
Ги поздравувам и се надевам дека ќе ја откријат оваа кукавичко криминална банда да го вратат мирот на граѓаните. Казните за овие дела мора да ги зголемат и изедначат со тероризам, бидејќи граѓаните освен финансиски, оштетени се и психички, истакна Галетановски.
Од пожарот во кој неговиот автомобил изгоре целосно, биле зафатени уште две патнички возила. По случката, за ВИКИМЕДИА тој истакна дека голема среќа во целиот настан било тоа што противпожарната екипа дошла многу бргу на местото на настанот, и спречила голема хаварија, бидејќи наоколу имало многу згради.
Потоа, објави дека нуди награда од две-три илјади евра за информација која би довела до откривање на сторителот, односно нарачателот на палењето на автомобилот.
Од Министерството за внатрешни работи пак, соопштија дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
В.К.
За кукавците три дена нема ништо, вели Галетановски, чиј автомобил беше запален
2 Mins Read

