Голем број на жители на Скопје, кои потекнувале од внатрешноста, едвај чекале да дојде викенд, па да заминат во родниот крај, бидејќи, како што раскажуваат за ВИКИМЕДИА, сакаат да допрат до чист воздух.
Појаснуваат дека загаденоста во главниот град е алармантна, и стравуваат за своето здравје, но најголема загриженост им создавало тоа, што иако со години се зборува за истиот проблем, решение на повидок – нема.
-По потекло сме од Тиквешијата, а веќе 30 години живееме и работиме во Скопје. Овде дојдовме поради поголемите можности кои се нудеа, кога е во прашање вработувањето и едукацијата на децата, со цел да го градиме тука нашиот живот и иднината на нашите деца. Верувајте, во последните години, многу зажаливме поради оваа наша одлука.
Ако треба со месеци да се примаат лекарства поради проблеми со дишни органи, ако не можеш да излезеш надвор од ужасната миризба која се шири, и ако треба да се прашуваш, што ако ни се случат фатални заболувања поради загадениот воздух, не се исплати животот овде.
Веќе подолг период, секој викенд се враќаме во родниот крај, во куќата на родителите, а кога треба да тргнеме во Скопје, во понеделник наутро, тоа го правиме со тежок чекор.
Од друга страна пак, среќни сме што имаме каде да побегнеме, барем на кратко, но што е со оние кои се по потекло од Скопје и немаат каде да одат, па мора константно да седат таму и да дишат отрови? –прашуваат нашите соговорници.

За Скопје одамна е познато дека е еден од градовите во Европа со највисоко ниво на загадување на воздухот. Загрозено е здравјето на сите граѓани, но посебно на оние со хронични заболувања, како и на децата и постарите луѓе.
Во предизборните програми на секоја политичка партија, редовна пракса се ветувањата за борба со загаденоста, но и по сите изминати години и промени на власта, состојбата останува иста.
Деновиве поради чадот кој доаѓа од палењето на депониите Вардариште и Дрисла, актуелни се препораките на здравствените работници, да не се останува на отворено.
Вчера пак, министерот за здравство Азир Алиу, истакна дека иако мирисот во воздухот бил непријатен, сепак не бил на ниво кое би предизвикало здравствени проблеми.
И покрај тоа, оние граѓани кои имаат каде да заминат, тоа го прават без многу размислување, додека пак другите, кои немаат каде да одат, остануваат во метрополата, со затворени прозорци, и со надеж дека конечно ќе се направи план со кој еднаш-засекогаш ќе се реши овој проблем.
Вики Клинчарова

