На 16-ти септември во комплексот Сули Ан, во Старата чаршија во Скопје, ќе биде промовирана автобиографската книга на ликовната уметница Андријана Мациев, која почина пред три години на 41-годишна возраст, по борба со канцер. Нејзината мајка, тв водителката и пејачка Јулија Мациевска, упати покана до сите кои се заинтересирани да присуствуваат на настанот, кој ќе започне во 19.30 часот.
Посочи дека промоцијата на книгата е во склоп на манифестацијата ,,Љубов за сите” која се одржува три години во чест на нејзината ќерка Андријана.

-Како ко-автор на книгата сум јас, бидејќи Андријана не успеа да ја заврши, па морав јас да го направам тоа. Книгата е во издание на Икона и носи наслов ,,Јас сум жива”. Освен промоција на истата, ќе има и изложба на дела од Андријана од три ликовни циклуси, како и пригодна културно-уметничка програма, а настанот се одржува на денот кога е родена ќерка ми, објави Јулија.
Додава дека книгата е разголување на душата и открива многу вистини, а ќе ги разбудела најдлабоките емоции на читателот, истовремено измамувајќи солзи и насмевка.
Инаку, пред неколку дена Јулија сведочеше на рочиштето за случајот Онкологија и кажа дека нејзината ќерка починала, бидејќи свесно била труена со несоодветна терапија.
В.К.

