Во ек на гродоберот, лозарите во Тиквешијата се жалат на недостиг на берачи. Деновиве поголема група на берачи од кочанско, која со години наназад престојува во Неготино од септември, па се до крајот на октомври, си заминала назад и нема да учествува во гроздоберот, па со тоа е намален бројот на достапни берачи.
Како што раскажува водачот на групата за ВИКИМЕДИА, се решиле среде берба да се откажат, бидејќи имале меѓусебни недоразбирања околу висината на дневниците, но и околу тоа кој од групата колку продуктивно работел. Велат дека нема повеќе да се враќаат, па лозарите се снаоѓаат како знаат и умеат во потрагата по вредни работници.
Група на берачи од струмичко пак, која секоја година доаѓа во голем број и работи на лозјата во Кавадарци и Неготино, вели дека за еден час берба наплаќа по 400 денари.
-Зголемени се животните трошоци, затоа и дневницата ни е зголемена. И покрај тоа, ангажирани сме секој ден, и од утро, и потоа од ручек повторно.
Наутро работиме по шест часа, на ручек почнуваме од 15 часот, а завршуваме со берба околу 19 часот. Телефоните постојано ѕвонат, лозарите не бараат, велат од струмичката група.
Друга група на локални берачи пак, за ВИКИМЕДИА вели дека со лозарите се договорале за берба од тон, односно барале по околу 7.500 денари за берба на околу 100 гајби од по 10 килограми. Покрај нив, има и помали групи на локални берачи, кои работат само поручек по три часа, а наплаќаат по 1.500 денари дневница.
-Ако им чини на лозарите, во ред, ако им е скапо, нека си го берат сами, тоа е реченицита која се почесто ја кажуваат, а лозарите се доведени во безизлезна ситуација бидејќи озреаното грозје не може да чека.
Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, годинава се очекува зголемен род, односно целата берба да биде над 100 милиони килограми, но недостигот на работна рака на лозарите им донесе нови главоболки.
-Во минатото никогаш не доаѓале групи на берачи од страна, лозарите меѓусебно си помагаа, се береше додека да се обере и последното зрно грозје, цели семејства едни на други си излегуваа во пресрет. Сега, никој од локалците не сака да учествува во бербата, затоа и сме сочени со недостигот на работна рака, но и со овие високи и нереални цени кои ги бараат берачите.
Нема организираност помеѓу лозарите, нема решителност да се реши овој проблем, за кој најчесто само се пишува на социјалните мрежи, но во пракса ништо не се презема. За да имаме фер однос помеѓу берачот и лозарот, потребно е да се утврди цена според набраните килограми грозје, а не според час. Не може да биде исто доколку се бере грозје од висококвалитетни сорти, кое е платено по 40 денари за килограм, и кога се бере грозје кое се продава за 12 денари за килограм, но тоа е проблем за кој е тешко да се изнајде соодветно решение. Неприфатливо е половина од заработката да треба да им ја дадеме на берачите!
Тоа треба да им биде јасно и на берачите и на лозарите, кои треба да се изборат за фер однос, и да не бидат вака условувани секоја година, порачаа лозарите, кои посочуваат дека сега е веќе доцна, но наредната година со време треба да одржат средби и да одредат висина на дневниците која ќе биде реална и прифатлива за двете страни.
В.К.
Голема група на берачи си замина од Тиквешијата, лозарите соочени со недостиг на работна сила: Неорганизирани сме, затоа лозарството пропаѓа!
3 Mins Read

