На седницата на собраниската Постојана анкетна комисија, на која денеска се расправаше по претставката од Здружението на граѓани 16 март 2025, на која се соочија родителите на загинатите младинци и деца во Пулс од Кочани со државниот врв, се обрати и Анастасија Павловска од граѓанската иницијатива „Кој е следен?“.
Таа кажа дека ги следела реакциите на пратениците додека мајки на загинати деца зборувале, и за неа однесувањето било засрамувачко.
-Покажавте нула заинтересираност за целата дискусија која се одвиваше!
Ве гледам, си седите на вашите мобилни телефони, си шушкате меѓусебно. Кога се прибраа членовите на медиумите, а голем дел си заминаа – како мислите дека мене, како млад човек во државава, каква слика ми создава?
Дека вие ќе можете да соработувате и вистински да се изборите за правда за овие луѓе што собрале храброст да дојдат да се обратат. Дали сметате дека јас по денеска ќе излезам од тука и ќе речам: Да, соработуваат пратеничките групи, гледаме дека покажаа емпатија и дека им е важно што имаат да кажат овие родители? Не!
Мене ова ми личи дека е само некоја процедура, само да се замачкаат очите дека еве, конечно ви дадовме Анкетна комисија. Навистина е многу разочарувачки, порача Павловска.
На седницата присуствуваа и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски, на кои родителите од Кочани им кажаа дека кој и да бил на власт, исто ќе реагирале и ќе барале правда.
Деск
КОГА ЌЕ ИЗЛЕЗАМ ОД ТУКА, НЕМА ДА МОЖАМ ДА КАЖАМ ДЕКА ПРАТЕНИЧКИТЕ ГРУПИ ПОКАЖАА ЕМПАТИЈА И СОРАБОТУВААТ, РЕЧЕ ПАВЛОВСКА НА СЕДНИЦАТА ЗА КОЧАНИ
2 Mins Read

