Есма Реџепова, позната како „Кралицата на ромската песна“, која почина на денешен ден пред девет години, останува една од највлијателните музички личности во историјата на Македонија и регионот. Со уникатниот глас, харизмата и хуманитарната работа, Реџепова остави траен белег во музиката и општеството, но нејзината последна желба, куќата да и биде претворена во музеј, остана неисполнета.
Покрај музичката популарност, Есма беше позната и по својата хуманитарна работа. Заедно со Теодосиевски згрижија и воспитуваа повеќе од 40 деца, а Реџепова често организираше и учествуваше во хуманитарни концерти. Во 2013 година беше номинирана за Нобелова награда за мир – признание кое ја потврди нејзината посветеност на заедницата и на меѓукултурното разбирање.

Сепак, и по девет години од нејзината смрт, нејзиниот аманет останува неисполнет. Куќата на Кале, која со тестамент и ја остави на државата, со желба да биде претворена во музеј, се распаѓа, бидејќи нејзините внуци од сестри и браќа го оспорија тестаментот и започнаа правна битка.
И покрај бројните јавни реакции, а и апелите на дел од децата кои таа ги одгледа, дека куќата е сосема уништена и се е ограбено од таму, конкретни мерки за зачувување на нејзината оставштина не се презедоа.
Симеон Атанасов, кого таа и Стево го одгледаа и кој до крајот на нејзиниот живот се грижеше за неа, а беше и нејзин менаџер, во повеќе наврати ни изјави дека е разочаран од односот на државата кон наследството кое Есма го остави за идните генерации.
Раскажуваше дека се е однесено од нејзината куќа, од сите вредни предмети, до признанијата и наградите кои ги стекнала во животот, па дури и урната на Стево ја немало. Пред неколку години, тој со семејството се пресели во странство.

-Се влечевме по судски лавиринти, наместо да се почитува уметноста и културното наследство на Есма и Стево Теодосиевски. Убеден сум дека ако не се почитуваат уметници од тој ранг, тогаш што вредиме ние помладите? Зошто да компонираме, создаваме нови дела кои што ќе бидат патоказ за идните генерации, не вреди! Есма и Стево Теодосиевски го оставија целото свое творештво на Министерството за култура,но од таму нема абер да го прифатат овој подарок., ни изјави Симеон во последното интервју, откривајќи дека во Виена заедно со неговиот син отворил продукција и продолжувал со работа во музичката област.
Инаку, во тек на животот за своите заслуги Есма доби бројни награди, меѓу кои и високото признание „Маjка на нацијата“, доделено од претседателот на Македонија. И покрај светскиот успех, таа остана приврзана за своето родно Скопје, каде што живееше и создаваше сè до својата смрт во 2016 година.
В.К.

