Започна најавената градежна офанзива во центарот на Неготино. Моментално се изведуваат градежни активности на раскрсницата во централното подрачје, на почетокот на кејот, каде ќе се гради кружен тек.
Изградбата на кружниот тек уште минатата година ја најави поранешниот градоначалник д-р Горан Стојанов, кој за ВИКИМЕДИА кажа дека станува збор за инвестиција од 580.000 евра, а сумата била висока бидејќи се работело за опсежни градежни активности кои требало да се изведат под земја, како и поставување на заштитни столбови.
Под локацијата каде сега се наоѓа раскрсницата, а на која ќе се гради кружниот тек, минува Неготинска Река, позната и како Градската Река, па морале да бидат поставени потпорни столбови кои ќе стојат под вода, но исто така ќе се вршело и проширување на конструкцијата од околу 12 метри.
За изгледот на кружниот тек, д-р Стојанов ни изјави дека во средината на истиот ќе биде поставен постамент, односно основа врз која ќе стои скулптурата ,,Неготинче”, која и во минатото го красеше градот и се наоѓаше во поранешниот култен објект Кафе Корзо.
Ова ќе биде втор кружен тек во градот, а првиот беше изграден пред околу пет години и истиот беше во вредност од околу 127.000 евра. Неговиот радиус е десет метри и се наоѓа на улица „Маршал Тито“ на спојот со улица „Индустриска“.
Во наредниот период, односно како што за ВИКИМЕДИА изјави градоначалничката Марија Нацева, до крајот на март треба да започне и изградбата на нов плоштад. Се работи за инвестиција вредна 718.000 евра.
Според најавите, потоа, откако ќе бидат завршени овие проекти, ќе се започне со реконструкција на тротоарите на улиците Маршал Тито и Партизанска, како и на улица Ленинова.
В.К.

