Шеста операција досега, и тоа ме натера да се прашам: „Зошто мене? До кога ќе треба да се мачам?“
Младиот пливач Марко Пејчиновски се опоравува по операцијата и открива дека по година и пол ја дознал точната дијагноза. Минувал низ тежок период, но храбро со верба во Бога одел напред и се соочувал со предизвиците.
-Ги започнав моите 20-ти години со операција, операција на рамото по сообраќајна незгода во 2024 година. По година и пол мачење, конечно се најде доктор кој ми ја кажа вистинската дијагноза (хронична AC дијастаза во 4 стадиум), односно скинати лигаменти кои ја држат клучната коска на место. Претходната дијагноза беше дека рамото ми е само потечено…
Шеста операција досега, и тоа ме натера да се прашам: „Зошто мене? До кога ќе треба да се мачам?“
Но сфатив нешто, сè додека сум јас тој што се мачи, а не некој мој сакан, треба да сум среќен. Сè додека има нов ден за да се борам, треба да сум среќен.
Бог најтешките битки им ги дава на најсилните борци. Јас ја испишувам мојата приказна, а каква е таа приказна ако некој сака да ја слушне, а во неа да нема болка, препреки и искушенија?
Следува тежок период, но многу пати сум чекорел по овој пат. Се молам на Бога сè да биде како што треба, но тоа е човечкото во мене. Знам дека и да не е сè по мојот план, ќе биде во ред, бидејќи Божјите планови се поголеми од моите.
Како и секогаш, така и сега: Господе, нека биде волјата Твоја, објави Пејчиновски.
Тој на свои 12 години го направи првиот свој голем подвиг – исплива 25 км, тргнувајќи од Св. Наум Охридски до градското пристаниште во Охрид и оттогаш не застана.
Иако има некроза на едната нога, тој е неуморлив и секогаш е подготвен за нов предизвик, а преку своите подвизи да ја крева свеста за многу наши маргинализирани граѓани, деца и возрасни.
Деск
СЕ ДОДЕКА ИМА НОВ ДЕН ДА СЕ БОРАМ, ЈАС СУМ СРЕЌЕН, ВЕЛИ МАРКО ПЕЈЧИНОВСКИ ПО ШЕСТАТА ОПЕРАЦИЈА
2 Mins Read

