Почина поранешниот градоначалник на Општина Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев – Грга (55).
Крстев беше на чело на општината во периодот од 2017 до 2021 година, оставајќи белег во локалната самоуправа и политичкиот живот во регионот. Во јавноста беше препознатлив по својата директност и ангажираност во решавањето на општинските прашања.Според информациите, тој починал во Турција, каде што престојувал во последниот период.
Веста за неговата смрт предизвика реакции и изрази на сочувство кај граѓаните, пријателите и политичките соработници.
Горанчо Крстев ќе остане запаметен како човек кој активно учествуваше во локалниот политички живот и кој во својот четиригодишен мандат ја водеше општината низ бројни предизвици.
Неговата ќерка Ивана на социјалните мрежи се прости со него со емотивни зборови.
-Карпата се сруши! Беше толку гласен а си замина толку тивко!
Секогаш и за сите беше тука, помагаше и спасуваше без размислување за кој и за каква работа стануваше збор!
Многупати ќе му речев “Тато ајде бе сеа па мора ли и на овај да му се јавеш” само ќе ме погледнеше и ќе речеше “мош има зор човеко од дека знаеш зашо ми ѕвоне”.
ТАТКО МОЈ ти си мојата/нашата ГОРДОСТ, Ти цело време не учеше како да правиме добри работи, како да ги сакаме и да им помагаме на луѓето-тоа беше твојата лекција за нас, напиша ќерката на Крстев.
Погребните детали и датумот на последното испраќање се очекува да бидат соопштени по пристигнувањето на неговите посмртни останки од Турција.
Деск

