Македонското земјоделство не е само економска гранка. Тоа е дел од нашиот идентитет, наша традиција и нашата иднина. Зад секој домашен производ стои труд, работа, знаење и посветеност на илјадници земјоделци кои што секојдневно работат за да обезбедат квалитетна храна за нашите граѓани, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој најави дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата започнуваат со кампањата „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“.
-Нашата цел е во следниот период, два големи тима да посетат повеќе од 30 општини во Република Македонија. Додека 6 помали тимови ќе посетат над 120 населени места.
Овие средби ќе се одржуваат секоја среда и сабота, како големи тимови. А, во петок помалите тимови ќе одржат директни средби низ населените места со земјоделците.
Малите тимови ќе ги предводат:
· Даниела Иротова, директорка на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР),
· Филип Филиповски, директор на АД Водостопанство,
· Васе Анакиев, директор на Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ),
· Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ),
· Здравко Трајанов, директор на ЈП Национални шуми и нормално јас како министер ќе предводам еден тим, вели министерот.
Појасни дека со овие тимови ќе учествуваат и останатите директори кои што се во секторот, а тоа се: Управата за водостопанство, Управата за хидрометереолошки работи, Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството, Државната фитосанитарна лабораторија и Фитосанитарната управа, а во состав на овие теренски посети ќе учествуваат и локалните структури на Министерството и на сите институции кои што ги имаат.
-На овие средби ќе се разговара за реалните предизвици со кои што се соочуваат македонските земјоделци, ќе се слушнат нивните предлози и идеи, но ќе се презентираат и политиките и мерките за поддршка на македонското земјоделство, производството и сето она што е сработено измнативе речиси две години мандат на Владата.
Преку ова покажуваме и докажуваме дека земјоделците не се само производители, туки тие се двигатели на руралниот развој, чувари на традицијата и клучен фактор за стабилноста на домашниот пазар за производство на храна. Затоа нивното мислење, искуство и предлози се од огромно значење при креирање на идните политики во земјоделскиот сектор.
Само сплотени, обединети, и со отворен дијалог заеднички можеме да создадеме решенија кои ќе донесат одржлив развој, стабилност и поголема вредност на македонското производство, вели Трипуновски.
Истакна дека верува дека најдоброто од Македонија доаѓа токму од македонските ниви и од вредните раце на чесните работливи земјоделци.
-Затоа оваа кампања е посветена токму на нив, на луѓето кои го хранат народот и ја одржуваат традицијата.
Почитувани земјоделци, ве повикувам сите заедно да се вклучите и да бидете дел од оваа заедничка кампања „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“, да создадеме подобри услови и посигурна иднина за македонското земјоделство, порача Трипуновски.
Деск
ТРИПУНОВСКИ И ТИМОВИ НА МЗШВ ЌЕ ОДАТ НА СРЕДБИ СО ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ЗА ДА ГО СЛУШНАТ НИВНОТО МИСЛЕЊЕ И ИСКУСТВО
3 Mins Read

