Лилјана Коцева од Неготино, девојчето кое кон крајот на минатата година ја обедини јавноста во солидарност, и за кратко време беше собрана потребната сума за нејзина операција во Турција, наскоро пак треба да замине во тамошните клиники. Како што вели нејзината мајка Наталија за ВИКИМЕДИА, овојпат болничкиот престој е со цел да се продолжи со роботска терапија, односно со рехабилитација, а по операцијата видлив бил напредокот кај Лилјана.
-После операцијата продолживме со физикалната терапија во Неготино со средствата од претходната донација што ја собравме. Благодарение на таа поддршка можевме веднаш да продолжиме со вежбите и рехабилитацијата.
Напредокот по операцијата е навистина голем и ни дава уште поголема мотивација да продолжиме напред. Секој мал чекор за нас е огромна победа.
На 17 април заминуваме за Турција, каде што ќе продолжиме со специјални роботски вежби – терапија со робот која многу помага во подобрување на движењето и силата. Донации сè уште може да се направат на страната на Pavel Andreev, а и тие средства ќе бидат искористени за понатамошни вежби и рехабилитација, вели мајката, а граѓаните можат да донираат преку следниот линк: https://www.facebook.com/reel/951651733956778
Таа уште еднаш се заблагодари на сограѓаните, како и на цела македонска јавност која со свои донации придонесе Лилјана да замине на операција.
-Уште еднаш од срце им благодариме на сите за донациите, особено на нашиот град Неготино, кој се сплоти и помогна во многу краток период за нашата хероина. Вашата поддршка ни дава сила да продолжиме понатаму, изјави Наталија.
Операцијата, како и рехабилитацијата и физикалната терапија беа со цел да му се помогне на девојчето кое е родено со Церебрална парализа, околу подобрувањето на мобилноста.
В.К.

