Со над два милиона денари обезбедени преку унгарската кредитна линија, следната недела започнуваат конзерваторско-реставраторските зафати на ѕидното сликарство во црквата Св. Константин и Елена во село Мокрино, Општина Ново Село.
Реконструктивните активности ги најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој денеска го посети сакралниот објект заедно со директорот на Завод и музеј Струмица, Бранко Ѓоргиев, и градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорги Божинов.
Љутков истакна дека со реализацијата на овој проект се прави значаен исчекор во заштитата на културното наследство, нагласувајќи дека наместо декларативни заложби, институциите нудат конкретни проекти со обезбедени средства и јасен план за реализација.
Црквата, изградена во 1870 година, претставува едно од најзначајните културни и духовни обележја во Струмичкиот регион, со богато ѕидно сликарство кое има висока уметничка и историска вредност.
Носител на активностите е Завод и музеј Струмица, во соработка со стручни тимови од Национален конзерваторски центар.
Од Министерството за култура и туризам информираат дека и во наредниот период ќе продолжат со континуирани инвестиции во заштита и унапредување на културното наследство, со цел негово зачувување за идните генерации.
Деск

