Познат во јавноста како Ванчо Петрушевски, а неговото вистинско име беше Иван. Актерот кој зад себе остави стотици одиграни улоги во серии, телевизиски драми, радио проекти и филмови, е роден на 19 април 1951 година, а животот трагично го изгуби пред осум години, од струен удар во неговата викендичка во Орешани, каде живеел во летните месеци. Загина две години откако се пензионираше, но иако во пензија, остана верен на театарот.
Четири децении беше во брак со Лидија, со која го добија синот Марко.

Неговиот колега Гоце Тодоровски во минатото раскажа дека се дружеле цели 54 години, а тој токму поради него се запишал на Факултетот за драмски уметности, инаку ќе бил градежен инженер.
-Ванчо Петрушевски ни беше како Ален Делон во друштво. Девојките многу го сакаа. Ние останатите се влечевме по него, па така и ние по некоја девојка ќе фатевме.
Заедно бевме од шесто одделение, и уште од тогаш, правевме детски претстави во училиште, на родителските средби. Јас бев одлилен ученик, Ванчо послаб. Но, секогаш се вадеше на неговиот шарм и на снаодливост па и тој добиваше добри оценки, раскажа Тодоровски.

Петрушевски е познат по улогите во голем број на ТВ- емисии, радио драми, филмови, претстави, какo: Македонски народни приказни, „Хихирику“, „Ангели на отпад“, „Трст виа Скопје“, „Среќна Нова ‘ 49“, „Трето доба“, „Диво месо“, „Грев или Шприцер“, „Солунски патрдии“, „Опстанок“, „Пресуда“.
Деск

