Политичката партија Левица предупредува на, како што велат, „алармантна демографска состојба“ во земјата, повикувајќи се на проекции според кои населението на Македонија значително ќе се намали во наредните децении.
Според нив, податоците укажуваат дека до 2070 година бројот на деца до десетгодишна возраст ќе се сведе на неколку илјади, додека младата популација под 30 години ќе биде значително намалена. Истовремено, се очекува лицата над 70 години да станат најбројна категорија, а бројот на пензионери да го надмине работоспособното население.
-Овие бројки не само што се застрашувачки, туку укажуваат и на забрзано изумирање на државата.
И додека Европа дава детски надоместоци, даночни олеснувања и системска поддршка за семејствата, Македонија нуди само празни зборови и фрагментарни програми кои не стимулираат раѓање и не задржуваат млади. Родителските додатоци за второ и трето дете беа укинати или пренаменети, без ефект врз наталитетот.
Минималните плати, несигурните работни места, високите трошоци за домување и ред други аномалии во општеството, за кои никој не се интересира, се реалноста што ги тера младите да ја напуштат државата, објавија од партијата.
Од Левица оценуваат дека ваквите трендови укажуваат на „забрзано изумирање на државата“ и ја обвинуваат власта дека не презема доволно мерки за справување со проблемот. Тие посочуваат дека, за разлика од европските земји кои нудат сеопфатни политики за поддршка на семејствата, во Македонија мерките се ограничени и недоволно ефикасни.
Партијата критикува дека дел од претходните политики, како родителските додатоци за второ и трето дете, биле укинати или изменети без да дадат резултати во зголемувањето на наталитетот.
Како дополнителен фактор за негативните демографски трендови, од Левица ги посочуваат ниските плати, несигурните работни места и високите трошоци за живот, кои, според нив, ги поттикнуваат младите да ја напуштаат земјата.
„Доколку не се преземат сериозни и системски мерки за поддршка на младите и семејствата, Македонија во иднина ризикува да остане со доминантно старо население“, се наведува во реакцијата на партијата.
Од Левица повикуваат на итно креирање на долгорочни демографски и младински политики кои ќе го стимулираат наталитетот и ќе го намалат иселувањето.
Деск
ДО 2070 ГОДИНА ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ БИДЕ НАЈБРОЈНО НАСЕЛЕНИЕТО НАД 70 ГОДИНИ: ЛЕВИЦА ПРЕДУПРЕДУВА НА АЛАРМАНТНА СОСТОЈБА
2 Mins Read

