Додека професори седеле на кафе во ЗОО Скопје, нивните ученици мавале со камења по слоницата. За немилиот настан алармира зоонегувателот Виктор, кој апелира да се потсетат граѓаните на вистинските вредности, и да се научат децата дека животните се живи суштества кои заслужуваат почит. Во прилог, неговото обраќање до јавноста:
-Денес имав ситуација што искрено ме разочара.
Група ученици од средното угостителско „Лазар Танев“ фрлаа камења кон слоницата, додека нивните професори седеа на кафе во кафич. Не сакам да генерализирам — не се сите деца исти, ниту сите професори се неодговорни. Но вакви поединци оставаат лоша слика и, уште полошо, нанесуваат стрес и штета на животни кои се под наша грижа.
Како зоонеговател, секојдневно гледам колку се чувствителни и интелигентни овие суштества. За нив, ова не е ,,зафрканција” .
Искрено, се потсетив на времето од пред 25–30 години… Ако некој од нас направеше ваква глупост, последиците ќе беа сериозни — и од дома, и од училиште. Не затоа што некој сакал да казнува, туку затоа што се знаеше ред, почит и одговорност.
Мислам дека е време повторно да се потсетиме на тие вредности.
Апел до сите: научете ги децата дека животните не се мета за забава, туку живи суштества што заслужуваат почит.
Разбрав дека е изреагирано од страна на директорот, се надевам дека ќе има некакви реперкусии за ова однесување, објави зоонегувателот.
Деск
УЧЕНИЦИ МАВАА СО КАМЕЊА ПО СЛОНИЦАТА, ДОДЕКА ПРОФЕСОРИТЕ СЕДЕА ВО КАФУЛЕ ВО ЗОО СКОПЈЕ: РЕАКЦИЈА НА ЗОО НЕГУВАТЕЛ
2 Mins Read

