Додека светската јавност го следи случајот со холандскиот крузер „Хондиус“, на кој е потврдено ширење на смртоносниот хантавирус од кој тројца патници починаа, многумина се сеќаваат дека и во Македонија пред девет години имаше смртни случаи од истиот вирус.
Станува збор за случајот во гостиварското село Симница, кога татко и син починаа на Клиниката за инфективни болести . Покрај нив, беа заразени уште седум други лица со кои тие имале контакт, но истите беа надвор од животна опасност.
За време на настанот, во 2017 година, министер за здравство беше Арбен Таравари, кој за јавноста потврди дека таткото и синот имале хантанвирус.
– Со високо сензитивните техники е потврден етиолошкиот агенс-Хантан вирус, најчест причинител за акутни хеморагични трески со бубрежен синдром во овој регион, соопшти тогаш Таравари, а информацијата предизвика паника и страв во гостиварско.
Тогаш се огласија и од Институт за јавно здравје, појаснувајќќи дека резервоарот на инфекцијата при хеморагична треска со бубрежен синдром е полски глушец, а вирусот се пренесува на луѓето преку изложеност на телесни течности или излачувања или, пак, во директен контакт со глувци.
Вирусот се излачува во животната средина преку урина, измет и плунка на заразените глувци кои немаат никави симптоми на болеста. Човекот може да се зарази преку директен контакт со секретите од глувци, преку оштетена кожа или слузокожа на очи, уста, нос, конзумирање на загадена храна или вода, како и вдишување на прашина која содржи суви секрети. Инфекцијата се јавува само при свежа контаминација на околината со секрети од глувците кои го содржат вирусот.
Периодот на инкубација, односно времето што поминува од моментот на инфекција до почетокот на болеста се движи од неколку дена до речиси два месеци, обично две до четири недели.
ХТБС е распространета низ целиот свет. Притоа, во различни делови од светот разболуваат различни вируси, предизвикувачи на оваа болест. Вирусот Ханта е широко распространет во источна Азија, особено во Кина, Русија и Кореја. Овој вирус името го добил по река која ги дели Северна и Јужна Кореја, каде што американски војници се заразиле со заразата во текот на Корејската војна во 1950 година. Освен што ги напаѓа бубрезите, може да предизвика и заболувања на белите дробови.
Исто така, од ИЈЗ појаснија дека во Македонија, хеморагичната треска со бубрежен синдром подлежи на задолжително пријавување од 2004 година.
Во 2009 и во 2016 година се пријавени по еден случај од ова заболување, а во текот на 2017 година, потврдени се 5 случаи.
Во Европа во текот на 2017 година се забележува зголемување на бројот на случаи во Австрија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Франција, Германија, Луксембург, Словенија, Словачка, Албанија и Турција.
Болеста има сезонски карактер, најголем број на случаи се регистрираат во пролет, почеток на летото и есента, кога повеќе луѓе престојуваат на отворено. Човекот може да се зарази при работа во градина, на поле, во шума или при рекреативни активности на отворено, како кампување, излети, пливање во диви капалишта и слично.
В.К.

