Трогателна приказна за една детска храброст исплетена во плетенка деновиве доаѓа од Хрватска. Николија Блатанчиќ (10) од селото Слободница кај Славонски Брод, уште како мало девојче поминала низ тешка борба со малигна болест. Во тој тежок период ја изгубила својата коса, но тогаш си дала ветување кое никогаш не го заборавила – ако повторно ѝ порасне косата, еден ден ќе ја донира на дете кое минува низ истото искуство.
Години подоцна, тоа детско ветување го претвори во хуман гест исполнет со љубов и емпатија. Таа донирала дури 40 сантиметри коса, а преку здружнието Кријесница ќе биде изработена перика за дете кое моментално се лекува од рак.
Зад оваа донирана плетенка, велат нејзините блиски, не стои само коса, туку и години исполнети со болнички денови, стравови, неизвесност и детска борба со болеста. Во неа се и солзите на нејзината мајка, како и силата на едно дете кое од најрана возраст научило како сопственото искуство да го претвори во помош за други.
Приказната на Николија денес претставува силна порака дека и најтешките животни искуства можат да се претворат во добрина која менува туѓи животи.
Б.Н.
10-ГОДИШНАТА НИКОЛИЈА КОЈА СЕ ИЗЛЕКУВА ОД РАК ЈА ДОНИРАШЕ СВОЈАТА КОСА ЗА ИЗРАБОТКА НА ПЕРИКА ЗА ДЕТЕ КОЕ МИНУВА НИЗ ИСТО ИСКУСТВО
1 Min Read

