Виена вчера официјално го означи почетокот на 70. издание на Евровизија, еден од најголемите музички настани во светот. Свечениот „Тиркизен тепих“, кој традиционално го отвора евроевизискиот фестивал, започна вчера во 17:00 часот и привлече илјадници обожаватели и медиуми од целиот свет.
Според организаторите и локалните туристички власти, настанот претставува значаен поттик за економијата и туризмот во австриската престолнина Виена. Се проценува дека ова издание на Евросонг би можело да донесе значителен економски бенефит, додека хотелските капацитети веќе бележат зголемена пополнетост.
Градските власти информираат дека Виена оваа недела очекува над 200.000 меѓународни посетители, а проценките се дека настанот ќе му донесе на градот околу 150 милиони евра. Во центарот на градот, на плоштадот Rathausplatz, е поставено Евровизиското село, кое нуди бесплатен пристап за посетителите и може да прими десетици илјади гости дневно.
Министерството за внатрешни работи на Австрија соопшти дека безбедноста е еден од главните приоритети на организацијата. Применети се засилени мерки на контрола, вклучувајќи забрана за внесување големи торби и проверки слични на оние на аеродромите.
Организаторите истакнуваат дека целта е посетителите да имаат безбедно и непречено искуство, со минимално чекање на влезовите и добро организирани зони за настани и забавни содржини.
Првото полуфинале на Евросонг е закажано за 12 мај, второто за 14 мај, додека големото финале ќе се одржи на 16 мај, кога ќе биде избран новиот победник на најпопуларниот музички натпревар во Европа.
Македонија и годинава не учествува на Евровизија.
В.К.

