Министерот за транспорт и врски Александар Николоски изјави дека изградбата на автопатот Охрид–Кичево напредува и дека се очекува проектот да биде завршен кон крајот на 2026 година, согласно предвидената динамика на работите.
Според неговата изјава, на трасата се интензивирани градежните активности, а еден од клучните предизвици во изминатиот период — свлечиштата долж патот — е решен преку примена на инженерски решенија со изградба на таканаречени галерии. Станува збор за заштитни конструкции кои имаат за цел да ја стабилизираат трасата и да обезбедат поголема безбедност за идниот сообраќај.
Николоски нагласи дека на целата делница се предвидени вкупно 14 галерии, со што, како што рече, се создава современ и безбеден автопат кој треба да претставува важна инфраструктурна врска за западниот дел од државата.
-На автопатот Охрид – Кичево градиме архитектонско чудо! Автопатот Охрид Кичево со силна посветеност ќе се заврши при крајот на 2026 година согласно предвидените рокови, истакна Николоски.
Проектот автопат Охрид–Кичево со години се соочуваше со одложувања и технички проблеми, најмногу поради нестабилен терен, но надлежните институции најавуваат дека со тековните интервенции се очекува негово конечно завршување во планираниот рок.
Деск

