Кај местото Донје Прилишќе во близина на општината Нетретиќ во Хрватска се случи тешка трагедија во која животот го загубија четири лица, додека неколку други се повредени, јавуваат хрватските медиуми.
Според првичните информации од истрагата, станува збор за група од околу 19 странски државјани кои биле нелегално превезувани во товарно возило во рамки на мрежа за криумчарење луѓе. Тие биле сместени во несоодветни и опасни услови, без основни стандарди за безбедност и хуман третман, по што четворица од нив починале.
Полицијата соопшти дека по пристигнувањето во близина на границата, возачот на возилото, 22-годишник од Црна Гора, ги оставил починатите мигранти, заедно со преживеаните и побегнал од местото на настанот. Осомничениот засега е во бегство и се трага по него.
Две лица со сериозни повреди се пренесени во болница, додека останатите се згрижени од надлежните служби. Хрватската полиција и обвинителството спроведуваат истрага за утврдување на сите околности околу трагичниот настан, како и за разоткривање на криумчарската мрежа зад случајот.
Овој инцидент повторно ја отвора темата за опасностите од илегалната миграција и криумчарењето луѓе, кое во повеќе случаи завршува со човечки жртви.
Деск
НЕЛЕГАЛЕН ТРАНСПОРТ СО МИГРАНТИ ЗАВРШИ СО ЧЕТИРИ ЖРТВИ, СЕ ТРАГА ПО 22-ГОДИШНИК ОД ЦРНА ГОРА КОЈ ГИ ПРЕВЕЗУВАЛ!
1 Min Read

