Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека во наредните еден до два месеци ќе бидат завршени сите формални процедури за ставање во функција на реконструираниот здравствен објект – болницата 8 Септември, по што ќе започне прием на пациенти.
Тој посочи дека во тек се активности за целосна дезинфекција на објектот, како и обука на вработените за користење на новата медицинска и техничка опрема која веќе е инсталирана.
„Ќе можеме конечно, како јавно здравство, да прифаќаме пациенти коишто понатаму ќе бидат третирани“, изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека реконструкцијата опфатила и сериозни инфраструктурни зафати, потсетувајќи дека пред обновата операционите сали биле во лоша состојба.
-Она кое што сакам исто така да го кажам, а коешто можеби е значајно да се каже, е дека пред да се случи оваа реконструкција на овој објект, во овие операциони сали се влегуваше со чадор. Сигурно ќе поставите прашањето: Како со чадор? Кога врнеше, прокиснуваше, односно кровот течеше. Тоа што вие сега не можете да го видите, а коешто исто така опфаќа дел од оваа реконструкција, е целосното реконструирање на кровната конструкција, каде што се сместени клима-коморите коишто обезбедуваат третиран воздух, кондициониран со сите параметри — физички, влажност, чистота, притисок итн. Но, исто така, и оној дел каде што се практично сместени и чилерите и другата електромеханичка опрема, којашто е во подножјето на објектот, рече тој.
Според него, проектот вклучувал целосна реконструкција на кровната конструкција, поставување современи клима-комори за третиран и кондициониран воздух, како и нова електромеханичка опрема и чилери.
Мицкоски оцени дека по завршувањето на сите активности, објектот ќе претставува современ здравствен центар каков што, според него, нема во регионот, без разлика дали станува збор за јавно или приватно здравство.
Тој упати благодарност до раководството на болницата, Владата, Фондот за здравствено осигурување, генералниот секретар на Владата, компанијата ТАВ и медицинскиот персонал за ангажманот во реализацијата на проектот.
„Им посакувам да го користат што помалку — тоа значи што помалку пациенти. Но тие пациенти коишто ќе имаат потреба од медицинска нега да се чувствуваат комотно и пристојно во овие реновирани простории“, изјави премиерот.
Тој најави дека Владата и во наредниот период ќе продолжи со реализација на проекти за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, особено во здравствениот сектор.
Деск
ВО ОПЕРАЦИОНИТЕ САЛИ СЕ ВЛЕГУВАШЕ СО ЧАДОР ПРЕД ДА ГО РЕКОНСТРУИРАМЕ КРОВОТ, КАЖА МИЦКОСКИ
2 Mins Read
Previous Article36-ГОДИШНИК БЕЗ ПОЛОЖЕН ВОЗАЧКИ ИСПИТ НАПРАВИЛ СООБРАЌАЈКА

