Зелената карта сосема ми го промени животот и е најдоброто нешто кое ми се случило. Веќе осум години сум во Америка и можам да кажам дека го живеам американскиот сон, секојдневно доживувајќи нешта кои само сум можел да ги посакувам додека живеев во Македонија, за ВИКИМЕДИА раскажува Александар Петров од Неготино, своевремено познат во јавноста како раперот Вукац МЦ, кој уште како младо момче се трудеше да се пробие во светот на рап музиката.
Денес, како што вели, настапува во државите низ цела Америка и го запознала публиката во Флорида, Атланта, Чикаго, Северна Каролина, Денвер, Охајо…
-Целата приказна започна кога мојата сопруга беше извлечена на Лотаријата за зелена карта. Дојдовме во Америка, на почеток беше малку тешко, додека да научам јазик, да се прилагодам. Започнав да возам камион, а потоа влегов и во светот на музиката.
Сега, по осум и пол години, јас уживам во сите можности кои ми ги даде Америка. Во меѓувреме, уште пред две години се разделивме со сопругата, но мојот живот продолжува и сум постојано активен на музичко поле. Соработувам со двајца Американци од Атланта, снимивме неколку песни, но најважно е тоа што постојано имам настапи и запознав многу познати луѓе од светот на музиката, вели Вукац.
Појаснува дека морал да го промени името, бидејќи Вукац МЦ им било тешко за изговарање на Американците, па сега настапувал како АТЛ Вукашоу. 
-Имам невидена слобода и живеам во мојот камион со кој патувам насекаде. Во слободно време многу читам, а започнав и да го изучувам јапонскиот јазик. Благодарен сум за сите можности кои ми ги даде оваа земја.
Во Македонија се немам вратено ниту еднаш, но ми недостигаат родителите, пријателите и убавите места во Тиквешијата. Засега не размислувам за враќање, исполнет ми е секој миг со активности. Во јануари промовирав нова песна на Spotify, ме чекаат уште многу проекти во наредниот период на кои навистина се радувам, ни раскажа Петров.
Вики Клинчарова

